Skip to main content

Гестациски недели:

26-та гестациска недела: Вашето бебе го вежба дишењето

Големина на Вашето бебе во 26-та недела

Вашето бебе сега е долго 35-36 см од врвот на главата до петиците, отприлика колку мала тиква.  Тешко е помеѓу 750 и 900 грама, и нема да помине долго додека да достигне килограм.

Тоа сè уште има доволно простор во стомакот за да се врти и истегнува, но со секоја измината недела има се помалку простор, а Вам ви станува се потешко.

Развој на Вашето бебе

Во 26-тата недела, се отвораат ноздрите на Вашето бебе: тоа сега може да го земе својот прв „здив“ и ќе работи напорно на оваа вештина се додека не се роди. Во оваа фаза, ја вдишува плодовата вода вшмукувајќи ја низ ноздрите и кога ќе излезе од матката, ќе го стори истото со воздухот околу себе.  

Оваа недела, се развива и видот на Вашето бебе. Очите сега се поврзани со областите на мозокот кои се одговорни за обработка на визуелните дразби, така што може да разликува светлина и темнина и различни форми.

Ако Вашиот стомак е изложен на силна светлина, на пример на пр. директна сончева светлина во текот на летото, Вашето бебе или ќе се оддалечи од страв, ќе се разбуди или ќе одговори комуницирајки со Вас на свој нежен начин.

Разликите помеѓу времето кога Вашето бебе е будно и кога одмара ќе стануваат сè појасни: кога е будно и активно, ќе го почувствувате како се движи наоколу и, кога спие, стомакот ќе Ви биде мирен и тивок и ќе имате неколку часа без да чувствувате никакви движења. Ќе ги забележите овие подолги периоди на одмор дури и ако очекувате близнаци, бидејќи близнаците вообичаено прават исти работи во матката и го копираат меѓусебното однесување.

Како се чувствува идната мајка во 26-тата недела од бременоста

Трудничкиот стомак со секоја бременоста може да биде различен. Ако Ви е ова втора бременост, ќе забележите дека Вашиот стомак расте побрзо отколку во првата бременост - тоа е затоа што ткивото е веќе растегнато. Други фактори кои влијаат на големината на стомакот ја вклучуваат положбата на Вашето бебе и количината на плодова вода, но на крајот едноставно се работи за различни типови на тела: на пример, некои жени природно имаат пофлексибилно ткиво од другите, така што нивниот стомак ќе се прошири побрзо. 

Без разлика која е големината, Вашиот стомак расте толку брзо од 26-тата недела. Поради ова болките кои се јавуваат во долниот дел од грбот се честа појава. За да си олесните, пробајте што повеќе да имате исправено држење на телото и обидете се да правите лесни вежби кои се наменети за трудници. 

Совет од акушерка

„Трудничкиот појас ќе му пружи потпора на Вашиот труднички стомак.“ Dorothee Kutz, акушерка

Вообичаени знаци и симптоми

Гастроинтестинални проблеми

Притисокот што матката го врши на околните органи ја зголемува веројатноста дека ќе имате гастроинтестинални проблеми. Чувството на ситост после оброк може да биде придружено со киселини и гадење, бидејќи Вашиот желудник сега е помал и не може да ја преработи истата количина на храна како порано.

Имунолошкиот систем кај бремените жени е исто така помалку ефикасен, бидејќи телото кај трудниците мора да се справи со дополнителните „предизвици” на бременоста. Затоа погрижете се да јадете што повеќе свежа храна, помали и полесни оброци, но тие да се почести. 

Стрии

На крајот на краиштата, нема начин целосно да ги избегнете стриите - Вашето сврзно ткиво во текот на бременоста се растегнува како никогаш до сега.  Вашите гени, големината на стомакот и јачината на притисок врз Вашата кожа ќе влијае на степенот и количината на стрии кои ќе ги добиете на кожното ткиво.  

Едно нешто што можете да направите се редовни масажи со масло или лосион за нега на кожата, што ќе ја зголеми еластичноста на Вашата кожа.

Ова ќе биде најефективно ако масажите ги правите секој ден - воспоставувањето рутина ќе ја зголеми Вашата благосостојба и ќе се избегне чешањето на кожата и стриите.

Важни совети

  • Договорете преглед кај Вашиот стоматолог, бидејќи добрата орална хигиена е особено важна за време на бременоста.
  • Продолжете да ја ажурирате листата на работи што треба да ги купите - сигурно ќе имате многу идеи за работи што можеби ќе ви требаат Вам или на Вашето бебе.
  • Ако можете, сега е вистинското време да ја реновирате и опремите собата на бебето.
  • Побарајте соодветна облека за доење, како што се градници за доилки кои лесно може да се прилагодат кога треба доите. 
  • Најдете време да се сретнете со вашите пријатели пред да се породите - тие може да имаат корисен совет за првите денови или недели со бебето.

Прашања кои сакате да му ги поставите на Вашиот лекар

Сосема е нормално да имате секакви прашања, грижи и стравови за време на бременоста, особено ако ова ви е прва бременост. Вашата прва бременост е сосема ново искуство, нешто што никогаш досега не сте го знаеле, и е потребно многу малку да се навикнете.

Затоа, не срамете се да поставувате прашања на Вашиот лекар и запомнете дека можете да имате корист и од искуствата на другите мајки.

Колку моето бебе треба да се движи наоколу?

Ако не сте сигурни дали Вашето дете се движи толку многу и интензивно колку што треба, прашајте го Вашиот лекар. Тој може да Ви објасни за се што Ве мачи, и може да ги провери виталните знаци на Вашето бебе. Општо земено, можете да се потпрете на Вашето чувство - интуицијата како мајка е веќе присутна, и затоа послушајте ја!

Можеби ќе Ви помогне ако ги забележите движењата кои ги чувствувате во текот на денот ако сте загрижени. Бебињата вообичаено се тивки еден ден, а следниот ден се многу активни. Само ако не чувствувате никакви движења (или многу малку движења) подолго од 24 часа, треба да се консултирате со Вашиот лекар.

Совет од акушерка

„Ако не чувствувате никакви движења неколку часа, испијте две големи чаши вода, изедете нешто или направете неколку чучнувања. Бучавата што ја создаваат Вашите црева и/или вежбањето обично  го буди бебето.“ Dorothee Kutz, акушерка

Проверка на Вашите витални знаци

Разговарајте со Вашиот лекар за моменталните  нивоа на Hb (хемоглобин), кои покажуваат колку железо имате во крвта. Не е добро за Вас или за Вашето бебе ако нивото на хемоглобин падне под одредена вредност.

Стабилните, избалансирани нивоа на шеќер во крвта се исто така важни за да се избегнат проблеми за време на бременоста за Вас и за Вашето дете, и затоа внимавајте да не јадете премногу слатка храна.

Информации за авторот:

Juliane Jacke-Gerlitz е регистрирана медицинска сестра. Повеќе од десет години таа ги советува мајките и доилките. Моментално работи како медицински писател и психолошки консултант. Juliane Jacke-Gerlitz е во брак 22 години, мајка е на осум деца и живее со нејзиното семејство во Halle.