Добивање на телесна тежина
Многу идни мајки се прашуваат кое би било “нормалното” зголемување на тежината кое би можеле да го добијат во текот на бременоста. Но, тука не постојат исти правила за сите, бидејќи секоја бременост е индивидуална сама по себе.
Жена која пред бременоста била со не многу голема телесна тежина, не би требало да се грижи за својата тежина во текот на бременоста. Ако вашиот BMI (Body Mass Index)* пред бременоста бил под 18.5, добивањето на плус 12.5-18 кг во тек на бременоста е препорачливо. Жени со нормална телесна тежина и BMI (18.5 – 24.9) би требало да добијат од 11.5- 16 кг плус во бременоста. Тие со BMI помеѓу 25 – 29.9 пред бременоста би требало да внимаваат да не ја зголемат многу телесната тежина ( од 7- 11.5 кг).
Немојте да претерувате
Ако го поминувате целото ваше време на вагата за мерење на телесна тежина, не си правите никаква услуга. Вашиот гинеколог ќе ја провери вашата телесна тежина при секој редовен преглед и ќе процени дали се движите во препорачаните рамки. Генерално, вашите калориски потреби нема да се зголемат пред четвртиот месец од бременоста а понатаму ќе се зголемат само за 250 kcal. Но вашите потреби за есенцијални витамини и минерали ќе бидат зголемени уште на почетокот на бременоста. Неопходно е да имате балансирана исхрана во текот на целата бременост и со истата да се продолжи во периодот кога доите.
Повеќе информации за дополнителните потреби од нутриенти во тек на бременоста.
Многу жени во текот на бременоста патат од утрински мачнини и гадење во првите три месеци, така да зголемувањето на телесната тежина во тој период не е голем проблем. Некои жени дури и губат од својата телесна тежина.
Во текот на вториот и третиот триместар од бременоста, зголемувањето на телесната тежина е помеѓу 300 и 500 гр. неделно (во зависност од тежината пред бременоста). Кратко пред породување, потребите од калории се намалуваат повторно поради тоа што вашите можности за физичка активност се ограничени. Но сепак, потребите од калории кои се потребни, се разликуваат од жена до жена.
Диети се забранети во текот на бременоста!
Ако сте имале вишок на телесна тежина пред да останете бремени, не значи дека треба во тој период да губите од телесната тежина бидејќи тоа може да го доведе во прашање снабдувањето на вашето бебе со хранливи состојки. Покрај тоа, во текот на диетата – исто како и со пушењето – многу токсини се ослободуваат во крвотокот и следствено на тоа и во крвотокот на вашето неродено бебе.
* BMI – Индекс на телесна маса: однос помеѓу телесната тежина и телесната висина
Како да го пресметате вашиот BMI: телесна тежина (во кг) поделено со телесната висина на квадрат (m²). На пример: 60 kg : (1.60 m)² = 23.4 kg/m². BMI за жена со нормална тежина е 18.5-24.9 kg/m².