Совети за спиење за Вашето бебе
Кон крајот на бременоста не е секогаш лесно да се спие добро. Сепак, вистинскиот тест на трпение допрва доаѓа, во првата година од животот на бебето. Добрите вести се дека тоа е совршено нормално. Во нивните први месеци бебињата имаат потреба од храна и навечер и нема да се двоумат да го покажат тоа.
Не заборавајте дека и вие имате потреби. Ви треба сила за да ги поминете секојдневните животни задачи и да можете да уживате во активен и забавен ден со Вашето дете.
Активности во текот на денот создаваат мирна вечер
Во текот на денот бебињата сакаат да бидат занимавани. Сакаат да јадат, да гледаат, да допираат, да слушаат, да лазат и да играат. Ако бебето нема желба да биде активно, ја врти главата, зева и ги трие очите – дајте му мирно време. Не мора да значи дека треба да спие. Некогаш кратки паузи за одмор со гушкање вршат работа.
Многу бебиња над 6 месеци имаат потреба од само 2 дремки дневно, секоја по 90 минути, сабајле и попладне. На деца над 1 година често им е доволно дремка од 1 час после ручек.
Не ја претворајте ноќта во ден
Ако Вашето дете се буди навечер, бидете смирени. Оставете го светлото затемнето и избегнувајте гласни звуци. Не го кревајте од креветот веднаш. Наместо тоа, зборувајте му со сигурен, смирен глас или тивно пејте му песна која му е позната.
После шест месеци, многу бебиња немаат потреба од редовен вечерен оброк. Следете дали Вашето дете е навистина гладно кога се буди навечер или само сака да ја искористи градата или шишето за да заспие повторно. Ако е гладно, проверете дали оброкот пред спиење бил доволно заситувачки. Или можете да ја одложите вечерата за малку подоцна.
Рутини и ритуали
За да најдете модел за спиење кој Ви одговара, треба да развиете здрав дневен ритам прво денски. Ова вклучува одреден ред на редовни оброци кои се соодветни за возраста на бебето. Во првите месеци можете да одредите редовен ноќен оброк. Тоа ќе му помогне на бебето да развие природен ритам за ден и ноќ.
Рутини пред спиење овозможуваат полесно припремање за спиење. Фиксирано време и иста вечерна програма се најдобрите помошници на спиењето. Многу возбуда, играње и слични активности подобро е да се планираат за рано попладне. Почнете ја вечерта со книги со слики, рими или гушкање на каучот. После тоа е време за капење, миење заби и после за в кревет. Останете неколку минути до креветчето, испејте песна или кажете приказна за добра ноќ. Не заборавајте бакнеж за добра ноќ.
Имајте фиксирано место за спиење. Педијатрите препорачуваат посебен кревет во близина на креветот на родителите од самото раѓање. Ако бебето се разбуди, се околу него ќе му биде познато. Вака ќе може да презаспие само, без помош од родителите.