Различни типови на доење

Дали го препознавате вашето бебе во некој од опишаните начини на доење во текстот?

Многу гладна гасеница

Пред да успеете да забележите, вашата брадавица веќе исчезнала во гладната устичка а вашето бебе е одушевено додека цица. Бебињата кои одговараат на овој тип, знаат што сакаат – тие фаќаат енергично, цицаат со голем апетит и ја отпуштаат градата дури откако  ќе бидат сити. Овие бебиња може да се дојат во секое време, на секое место и гарантирано добиваат доволно млеко, благодарение на нивниот апетит. Доколку  вашето бебе е едно од овие, бидете сигурни дека го ставате  на вашата града внимателно тогаш кога ќе ги забележите првите знаци на глад. Колку бебето е погладно толку посилно ќе се закачи за брадавицата, и на тој начин се зголемува ризикот од појава на болки доколку брадавицата не е во правилна позиција спрема устата.

Црвец кој се извртува

Штом ќе ја здогледаат градата, овие бебиња се возбудуваат, мавтаат со рачињата и ноџињата, и наизменично цицаат од едната и од другата града. Којзнае, можеби млекото од едната страна е повкусно отколку на другата?  Овие бебиња на овој начин покажуваат колку уживаат  додека цицаат. Меѓутоа треба да бидете сигурни дека возбудата на бебето додека се храни, не го нарушува неговиот  дневен ритам. Пробајте да го храните бебето во периодот кога ќе се разбуди, односно додека се уште лежи бидејќи тоа можеби малку ќе му го намали ентузијазмот и активноста Поради тоа што се возбудени, овие бебиња вообичаено голтаат многу воздух при цицањето, после тоа треба да се осигурате дека со држење на бебето во исправна положба, ги исфрлило сите гасови од стомачето.

Гурман

Во деликатес како што е мајчиното млеко, не може да се ужива со брзање. Тоа е мотото на бебињата гурмани, на кои понекогаш им е потребно и двојно повеќе време за хранење отколку на другите бебиња. Бебињата гурмани цицаат бавно, редовно и не сакаат брзање – сакаат да бидат сигурни дека добиваат се што им е потребно додека се на града. Немојте да им го нарушувате уживањето! На вашето бебе му е потребно време за да си поигра со градата, да го вкуси малку млекото пред да почне со интензивно цицање при тоа испуштајќи секакви звуци на мљацкање и шмукање. При тоа, треба да имате во предвид дека на овие бебиња гурмани може лесно да им се одвлече вниманието. Место во кое има многу гласни луѓе не е добро место за доење на овие гурмани – само еден поглед на страна е доволен да прекинат со цицање. Кога го доите вашето бебе во јавност, можеби треба да го покриете преку главата со памучна прекривка. Сепак најдоброто решение за овие бебиња е да ги храните во удобноста и тишината на вашиот дом.

Сонувач

Доењето ги прави бебињата сонливи а посебно малите сонувачи. Тие сакаат малку да поцицаат, па малку да одморат, па повторно малку да поцицаат, па пак одмор...и тоа малку подолго трае. Малите сонувачи се релаксираат додека цицаат. Нив не им треба капење пред спиење бидејќи е доволно да ги ставите на града. Исто така, тие многу лесно заспиваат и кога ги доите во текот на ноќта. Бидете трпеливи и не ги прекинувајте овие бебиња во цицањето – само заради тоа што тие сакаат малку да одморат додека цицаат, не значи дека се нахранети. Пробајте да ги доите во исправена позиција бидејќи така ќе им биде потешко да заспијат. Кога вашето бебе ќе заврши со едната града, понудете му ја и другата. Пробајте со скокоткање на задната страна на вратот или на стапалцата како би се разбудило кога ќе задреме во тек на доењето, и бидете сигурни дека се нахранети со доволна количина на млеко.

Бебе кое одложува

Овие бебиња немаат волја за цицање во текот на првите денови и многу потешко ја прифаќаат градата. Поради ова, многу од  мајките се загрижени – но вистината е дека на овие одложувачи им треба малку повеќе време и не треба да ги брзате да почнат да цицаат. Кога самите ќе ја откријат градата, тие ќе се нахранат, ќе растат и ќе се развиваат исто како и останатите бебиња. Само им е потребна поголема поддршка за да пронајдат што е најдобро за нив.

Дали го препознавате вашето бебе во една од овие карактерни особини при доењето? Или можеби вашето бебе е комбинација од неколку горенаведени однесувања?

Тоа е многу нормално. И покрај сè, вашето бебе си има свој карактер. Кога станува збор за доењето, нема “точно” или  “погрешно”. Она што е најдобро за вас и вашето бебе, е најисправно. Запомнете дека најважна работа во текот на доењето е  вие и вашето бебе да сте среќни и релаксирани.

Следните совети може да помогнат:

  • Допрете, почекајте, приближете поблиску.
  • Кога доите, приближете го вашето бебе поблиску до вашето тело и бидете сигурни дека убаво ја фатило градата.
  • Секогаш менувајте ги страните додека доите, но само откако вашето бебе само ќе ја отпушти градата, односно најмалку 15-20 минути цицање и голтање.
  • Научете ги различните позиции во кои може да доите и малку “вежбајте” со вашето бебе. 
  • Доењето треба да биде екслузивно и избегнувајте цуцли, вештачки брадавици и давање на адаптирана формула на почетокот. Тоа ќе помогне  вашето бебе да си воспостави свој ритам на доење кој е најдобар за него. Исто така, после секое доење, брадавиците треба да ги одржувате суви и чисти.